Skip to content
070 227 684 vaskaleontic@gmail.com

Програми

Времетраењето на школувањето опфаќа модуларна програма од три години, со можност за додатна четврта година и целосна четиригодишна обука за козметичар-техничар.

Ние го применуваме модуларниот систем на настава, кој овозможува не само образование туку и потполно вклопување на учениците во областа и содржините што одговараат на нивниот сензибилитет и поле на интерес. Основна карактеристика на модуларниот пакет е брзо стекнување квалификација, при што стручната оспособеност на ученикот постојано се надградува. Во рамките на програмата учениците се ангажираат и на теренска работа, учество на манифестации и реализација на проекти, за да добијат сестрана ориентација во идната професија.

Наставата се изведува на македонски јазик, а доколку се пријават доволен број ученици за цела група, и на албански и турски јазик.

Обем на наставното време

Наставната програма се заснова на баланс меѓу теоретската и практичната настава во сите три учебни години: од вкупно 32 часа неделно, 17 часа се практична настава.

3492

наставни часови за 3 години

31,9%

општо образование

15%

стручно образование

52,5%

практична обука

Практична настава

Практичната настава е основа за сите образовни профили. Таа им овозможува на учениците да ги совладаат сите теоретски презентирани техники и со текот на времето да стекнуваат искуство во нивната изведба. За време на праксата учениците добиваат подобра ориентација во струката и продираат во суштината на своето идно занимање.

Учениците ја изведуваат праксата на модели-доброволци и така ги совладуваат и применуваат деловно-комуникациските вештини со странките. По стекнатите вештини и искуства, се вклучуваат во салонското работење во Центарот за убавина „Студио Леонтиќ“.

Можност за трансфер

Сите ученици, независно од насоката што ја одбрале, следат општа настава до второто полугодие во втората учебна година, а потоа се одлучуваат за конкретна област — фризерство, шминкерство, козметичарство или масерство. Доколку ученик смета дека не треба да го продолжи образованието во „Академија Леонтиќ“, има можност да се префрли во друга средношколска институција, а трансфер е можен и за ученици од други училишта, со полагање на диференцијалните предмети.