Skip to content
070 227 684 vaskaleontic@gmail.com

Активности

Слободни ученички активности

Учениците изведуваат активности за подготовка на ревии, семинари и други проекти што се од голема важност за нивната понатамошна работа и за развој на нивната кариера. Во рамките на Годишната програма за работа на училиштето се предвидени екскурзии низ Македонија, а екскурзиите надвор од Македонија се со специјална цел: посета на најдобрите стручноедукативни саеми, саеми на мода, семинари и перформанси на парфимерии со козметички препарати, организирање миниревии и презентации на сезонските трендови, посета на театри, музеи и други активности поврзани со образовниот профил на училиштето.

Ученички екскурзии

Во плановите за реализација на воспитно-образовниот процес, училиштето предвидува наставно-научни екскурзии, чија цел е практично усвојување знаења од културата и општеството на народите во земјата и пошироко. Тие одат во прилог на збогатување на стекнатите знаења, поттикнување на критичкото мислење и развивање повисок степен на социјализација кај учениците, без разлика на културната определба, традиција и вероисповед.

Општественокорисна работа

Општественокорисната работа е основа за развој и стимулација на позитивниот однос на учениците кон општествените вредности, вредностите на колективното живеење, чувството на заедништво и припадност и одржливиот развој на природата.

Поради природата на практичната работа на училиштето, „Академија Леонтиќ“ излегува в пресрет на старечките домови за време на Неделата на старите лица и на домовите за деца без родители, кога имаат потреба од услугите за кои се обучуваат нашите ученици. Воедно, ова е можност учениците да видат како се организира работа и помош надвор од салонот и во нестандардни услови.

Екоактивности

Училиштето учествува во програмата „Еко-училиште“, која ги вклучува учениците, наставниците, родителите, техничкиот персонал, мајсторите и партнерите на училиштето, во соработка со локалната власт, деловната заедница и занаетчиските комори.

Целта е подигање на свеста за животната средина, нејзино одржување, заштита и развој — посебно кога станува збор за производите што ги користиме во нашето училиште. Затоа учениците учат како се складираат козметичките производи, како се фрлаат употребените амбалажи и како се поништуваат производите на кои им изминал рокот на траење.