Дополнителна настава
Дополнителната настава се организира во текот на целата учебна година. Таа опфаќа наставни содржини што, од одредени причини, учениците не успеале да ги совладаат. Овој тип настава подразбира индивидуален пристап во работата со учениците и има силна мотивациска улога во интегрирањето на учениците што не покажале успех во редовната настава.
Ја реализира секој предметен наставник со план за распоредот на работните обврски, во соработка со педагошко-психолошката служба, координаторот на училиштето и, по потреба, мајсторот по практична обука. Кога ученик потешко совладува одредена техника и вештина, се воведуваат и дополнителни модели и распоред на термини во кои ученикот може да вежба.
Додатна настава
Додатната настава се планира и реализира со учениците што покажуваат особено изразен интерес за одредени наставни содржини и посебен талент за техниките и вештините на работа. Целта е систематска работа со талентирани и многу креативни ученици, преку која се поттикнуваат нивната креативност и способностите за творечко истражување, според посебна програма изготвена од наставниците.
Продолжителна настава
Продолжителната настава се организира за учениците упатени на поправен испит по одделни предмети. Наставниците подготвуваат план и програма за нејзина реализација, со цел успешно полагање на испитот. Се изведува во јуни, по завршувањето на редовната настава, и во августовскиот испитен рок.
