Skip to content
070 227 684 vaskaleontic@gmail.com

Организација

Организација и реализација на воспитно-образовната работа

Наставните планови и програми по кои се одвива воспитно-образовната работа се единствени, а истите се одобрени од страна на Министерот за образование и наука. Родителите на учениците се запознаени со целите на програмите и со начинот на нивната реализација.

Редовната настава се одвива во месечни блокови. Часовите започнуваат со теоретска настава, а практичната настава продолжува по теоретските часови или меѓу нив, според предвидениот распоред, и така наизменично цела учебна година. За време на практичната настава се следат стручните предмети од теоретската настава, сè со цел целата материја да се надоврзе.

За унапредување на наставната работа, во текот на целата учебна година воспитно-образовната работа се менторира од страна на надворешни консултанти, а перманентно се врши и обука на наставниците.

Практична настава во сопствени салони

Практичната настава се реализира исклучиво во сопствени, современо опремени салони во „Студио Леонтиќ“. Учениците во прва година ги изучуваат техниките на асистирање и вежбаат со своите асистенти на модели или меѓусебно, совладувајќи ги основните техники на работа. Во второто полугодие, во втора и трета година, на учениците им се обезбедува модел, при што воспоставуваат директен протокол на работа и самите целосно ги сработуваат техниките, а менторот врши стручна проверка по секоја сработена техника.

Моделите доброволно пристапуваат и не плаќаат за извршените услуги. Се бираат според потребите на училиштето и предвидената наставна програма, а секој ученик треба да сработи одреден минимален број модели според техниките што се изучуваат во секоја учебна година.

Учениците чиишто родители имаат свои фризерски или козметички салони, по завршувањето на практичната работа, посетуваат салонска пракса кај своите родители со потпишан договор помеѓу занаетчиската комора, фирмата на родителот и училиштето.

Салонска пракса

Салонската пракса е задолжителна за сите ученици во текот на целата учебна година. Таа им помага на учениците да воспостават комуникација со тимот на вработените, да видат како се менаџира еден фризерски, козметички, шминкерски и масерски салон и како се спроведува протокол на работа, а сите техники да ги извежбаат по пат на пракса.

Учениците што планираат кариерата да ја започнат во сопствени салони се вклучени во целата организација на салонското работење: попис, порачка на материјал и алат, проверка на исправноста на алатот и приборот, промотивни пакети и комбинации на услуги, закажување клиенти и сè друго што ќе им користи во понатамошната работа.

За учениците што планираат кариера со теренска работа, задолжително е учеството на сите ревии, презентации и семинари, како и пракса во институциите што се сметаат за теренска работа — телевизии, театри, опера и балет, парфимерии, снимање спотови и реклами. Овој тип пракса се евидентира за секој ученик посебно, а во училиштето се води дневник за салонска пракса.